25 септ. 2015 г.
Претставници на AMCHAM во официјална посета на „Алкалоид“
Претставници на AMCHAM во официјална посета на „Алкалоид“
Делегација од Американската Стопанска Комора (AmCham), предводена од директорите на организациите во Македонија, Косово, Албанија и Црна Гора, оствари официјална работна посета на „Алкалоид АД“ Скопје на 17-ти септември годинава.
Извршните директори на AmCham во овие четири држави: г-ѓа Мишел Османли - Македонија, г. Ариан Зека - Косово, г. Лоренц Ѓони - Албанија и г-ѓа Милица Драгојевиќ - Црна Гора, ја посетија компанијата со цел запознавање со резултатите од работењето, нејзините пласмани и производственото портфолио.
„Алкалоид“ е член на Американската Стопанска Комора во Македонија од 2000-та година, и како компанија има долгогодишна, успешна соработка со Соединетите Американски Држави, каде во 2006 година основаше и своја подружница, „Алкалоид УСА“ со седиште во Њу Олбани, Охајо. На ваквиот деловен потег му претходеше успешната деловно-техничка соработка со реномирани компании од САД, како Фајзер од Њујорк и Мерк Шарп и Дом (MSD), трасирани во далечната 1956 година.
Во моментов, „Алкалоид“ во своето потрфолио има неколку лекови кои се произведуваат под лиценца на реномирани американски фармацевтски куќи, како и маркетиншки авторизации за застапство на фармацевтски препарати од американски производители во Македонија. Од деловните потфати во САД, особена гордост за „Алкалоид“ е патентирањето на технологијата за производство на лекот ,,Новаморф“ во 2003 година, како и интензивната соработка со реномираната ,,АВЕДА“, членка на групацијата „Исти Лаудер“ во делот на производство на органски чаеви, која започна во 2005 година и сè уште успешно функционира. Во сегментот билкарство, во 2011 година ,,Алкалоид“ трасираше успешна соработка со уште две американски компании „Арбон Интернационал“ и ,,Свансон“ специјализирани за производство и дистрибуција на чаеви и природни лековити производи.