Сол
Солта е основен производ во секое домаќинство и воедно е незаменлива. Иако, навидум, производот е едноставен, постојат неколку факти на кои сакаме да ви обрнеме внимание, сѐ со цел да ве запознаеме:
зошто треба да користите јодирана сол?
на што треба да внимавате при нејзиното купување?
како треба да ја чувате и користите во домаќинството?
Јодот е од огромна важност за животот на човекот. Тој е неопходен во неговата исхрана, бидејќи е значаен дел од хемиската структура на хормоните кои ги произведува тироидната жлезда. Ако во организмот не се внесе доволно количество јод, тироидната жлезда не може да создаде оптимална количина од овие хормони, како резултат на што настануваат бројни последици кои се различни, во зависност од возраста.
За време на бременоста и непосредно по породувањето можни нарушувања се: абортус, предвремено породување, зголемена смртност на новороденчето, вродени аномалии, оштетување на слухот и говорот, како и заостанување во психичкиот и физичкиот развој.
За време на детството и пубертетот можни нарушувања се: гуша (струма), забавен физички развој и ментална ретардација од различен степен.
Кај возрасните, јодниот дефицит може да предизвика појава на гуша (струма), намалена функција на тироидната жлезда, оштетување на менталните функции и намалена репродукција. Сите овие последици може успешно да се избегнат со користење на јодираната прехранбена сол.
За таа цел, во 1999 год. во Р. Македонија е донесена законска регулатива според која прехранбената сол мора да биде јодирана со калиум јодат (20-30 mg јод на1kg сол).
Содржината на јод во солта се намалува со тек на времето. Високата влажност, високата температура и директната сончева светлина ја забрзуваат загубата на јод во солта. Овие влијанија може да се елиминираат со соодветно пакување и чување на солта (непорозна амбалажа, собна температура и заштита од светлина). Фактор кој позитивно влијае врз стабилноста на јодот во солта е рафинираноста на солта (прочистеност од хигроскопни и од метални онечистувања).
Наша обврска е:
да обезбедиме рафинирана јодирана сол со висок квалитет
да ја спакуваме солта во амбалажа која ја заштитува од влага и од светлина
Ваша одговорност е:
да ја чувате солта во добро затворени садови
заштитена од влијание на влага, топлина и светлина
да ја додавате солта на крај од готвењето
да ја купувате солта во количини не поголеми од 1 килограм
при купувањето, да обрнете внимание на датумот на јодирањето
Здравјето пред сѐ!


