13 дек. 2023 г.

Ви благодариме за нашето денес!


Една од тајните на успешната речиси деветдецениска приказна наречена „Алкалоид“ несомнено се темели на квалитетот на човековиот потенцијал и на луѓето пред сѐ. Дел од заслугата за вредноста на брендот „Алкалоид“ и за квалитетот на сите поединечни брендови и на производите, со кои се гордееме, имаат токму тие, пензионираните алкалоидовци, како една од главните вредности на кои се темели нашата компанија.


Значајните достигнувања се доказ за посветеноста и за вложениот труд на многу генерации алкалоидови вработени, кои непоколебливо ја изразиле својата намера и решителност да придонесат за растот и развојот на компанијата. Низ годините наназад до денес живее нивното наследство и гордо се раскажува за непроценливиот придонес во градењето на компанијата која денес е еден од најдобрите фармацевтски ентитети во Југоисточна Европа.


„Алкалоид“ не заборава на нив и токму ним сака да им изрази почит и благодарност за секој свој влог во секој проект и во секој производ. Постојаната посветеност на компанијата е да негува силни врски со своите вработени, како и со пензионираните алкалоидовци.


Со цел обновување на Базата на пензионирани алкалоидови вработени, сакаме да упатиме апел до сите поранешни алкалоидовци да се пријават до 22.12.2023 година на телефонскиот број 02 3104 129 или на електронската адреса marketingkomunikacii@alkaloid.com.mk.