24 јул. 2024 г.

Започна со реализација проектот Малите алкалоидовци го истражуваат „Алкалоид“

Децата на вработените во сегментот козметика во посета на светот на Becutan


„Алкалоид“ во својот развоен фокус ги има, пред сѐ, своите вработени и нивните семејства, а грижата за најмладите е клучен дел од алкалоидовата корпоративна култура. Во насока на зајакнување на чувството за припадност на колективот и кај најмладите членови, „Алкалоид“ ги отвори вратите од своите производствени погони во сегментот козметика за децата на тамошните вработени, со цел непосредно запознавање со компанијата во која нивните родители го поминуваат своето работно секојдневие.


Овој настан, кој им овозможи на малите истражувачи да ги посетат одделенијата за развој, производство и за пакување на производите од портфолиото на Becutan на локалитетот Лафома, во присуство на своите родители, претставува еден од повеќето планирани кои ќе се организираат во рамките на проектот Малите алкалоидовци го истражуваат „Алкалоид“. Ваквото зближување на малите алкалоидовци со компанијата преку еден интересен, проактивен пристап и преку наменски конципирана едукација, во согласност со нивната возраст, им отвори еден целосно нов свет за истражување, кон кој пристапија со неверојатна љубопитност и желба за осознавање.


Организираните посети на малите алкалоидовци ќе станат традиција, а се очекува компанијата да ја посетат повеќе од 1.000 деца на вработените, на возраст од 3 до 18 години.


Покрај едукативниот дел, во чии рамки децата имаа можност од прва рака да ја осознаат работната средина на своите родители, настанот беше збогатен и со забавни содржини за запознавање и за меѓусебно дружење низ спорт и игра во организирани активности.

Човечките ресурси остануваат во развојниот фокус на „Алкалоид“ како едно од највредните капитални добра на алкалоидовата берза на вредности.