8 ноем. 2024 г.
ЖИВКО МУКАЕТОВ – ПАНЕЛИСТ НА ТРЕТАТА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ЗДРАВСТВО НА „AMCHAM“
Генеричките фармацевтски компании, меѓу кои и „Алкалоид“, се клучни партнери на здравствените системи за стабилно и одржливо снабдување со фармацевтски производи со супериорен квалитет по пристапни цени.
Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, зеде учество на Третата конференција за здравство на „Американската стопанска комора“ насловена „Поттикнување на општествената одговорност преку здравствeната заштита“. Во рамките на панелот наменет за претставниците на бизнис-заедницата како фактор кој придонесува во процесот на градење на поздраво општество, Мукаетов истакна дека „Алкалоид“ на врвот на своите приоритети ја има поддршката на македонското здравство и фармација. Тој ги посочи примерите со донациите од 1,2 милиони евра кон здравствени установи, институции и поединци за справување со ковид кризата во 2020/2021 година, како и континуираната поддршка преку Фондацијата „Трајче Мукаетов“, која во изминативе 16 години ги стипендира најдобрите студенти по фармација и медицина на државниот универзитет, досега вложувајќи над 130 милиони денари за овие цели.
На прашањето како „Алкалоид“ ги балансира трошоците за спроведување на одржливите корпоративни практики, истражување и развој, со долгорочните придобивки што истите ги носат, како за компанијата така и за општеството, Мукаетов посочи дека „Алкалоид“, како компанија на 3000 семејства, која исто така ангажира над 1000 домашни компании добавувачи, ги смета инвестициите како неопходност за својот раст, развој и глобализација на брендот:
„Во времиња полни со предизвици, треба да бидеме свесни за важноста на домашните производни индустрии и придонесот кои тие го имаат за државата. Ние сегментот за истражување и развој го реорганизиравме во 2009 година. Денес имаме речиси 200 висококвалификувани професионалци кои работат во Институтот за истражување и развој. Во последните години започнавме процес на редизајнирање на постоечките генерички фармацевтски производи за нови индикации. Тоа резултираше со успешен развој и патентирање на првиот лек со додадена вредност – течниот омепразол, за кој веќе продадовме лиценци на партнери на повеќето пазари во Европската Унија и годинава ги реализиравме првите пласмани за Обединетото Кралство, Ирска и Холандија“, изјави Мукаетов.
Запрашан за пристапот на пациентите до лекови и иновативните третмани кои поефикасно ќе придонесат за поголема општествена корист, Мукаетов освен што ја нагласи важноста на генеричките производители на лекови во однос на ценовната пристапност, тој исто така нагласи дека лековите кои паѓаат на товар на здравствениот систем треба да кореспондираат со бројот на дијагностицирани пациенти со одредени болести, за што ни е потребна интегрирана база на податоци:
„Потребен ни е балансиран здравствен систем кој треба да биде приоритет во општеството, паметно да се димензионира според финансиските можности на земјата, за што сите чинители во процесот треба да придонесат инклузивно и организирано, за истиот да биде ефикасен, резилиентен и одржлив“, изјави Мукаетов.
Третата конференција за здравство на „Американската стопанска комора“ во фокусот го имаше поттикнувањето на поздрави заедници, стимулирање на економскиот раст и подигнување на севкупниот квалитет на живот од страна на различни чинители во процесот: државните институции, меѓународните организации и бизнис-заедницата.