Европски самит за Зелени Инвестиции


Во согласност со планот за капитални вложувања за 2019 и за 2020 година, „Алкалоид“ АД Скопје реализираше инвестициска активност за приспособување и за воведување природен гас на локалитетот во Ѓорче Петров. Инвестициската активност е со вредност од 1.000.000,00 евра и опфаќа изведба на нов, подземен гасовод на локалитетот, пуштање во употреба на два нови парни котли и санација на постојните пароводни инсталации. 

Водејќи се од светските трендови за зголемување на енергетската ефикасност и за намалување на емисијата на стакленички гасови, стручните технички служби во компанијата – Инвестиции, Одржување и Енергетски менаџмент – изготвија план и решение за воведување на природниот гас на локалитетот.

Извршени сe набавка и пуштање во употреба на два нови парни котли и горилници со ниско количество на гасови NOx од светски реномирани производители (Viessmann и Saacke), изработени во согласност со последните технолошки и инженерски достигнувања во котларската индустрија. Новоинсталираната опрема се карактеризира со исклучително висока енергетска ефикасност и со искористеност на природниот гас, а направена е и модернизација на котларата, која опфаќа автономно работење од 72 часа, без присуство на персонал.  

Со воведувањето на природниот гас во индустриските и енергетски капацитети на локалитетот во Ѓорче Петров се создаваат услови за негово максимално искористување, поголема економичност во вкупната потрошувачка на енергенси во компанијата и за намалување на трошоците за одржување на постојната опрема. 

Како општествено одговорна компанија, која се грижи за животната средина и за здравјето на граѓаните, придонесовме за намалување на загадувањето и за исполнување во целост на строгите еколошки стандарди. Во однос на досегашниот енергенс, интегрирањето на новата опрема има цел да ја намали и емисијата на јаглерод диоксид CO2 за 2.544 тони на годишно ниво. 

Покрај оваа инвестиција, само во период од изминативе 3 години (2018 – 2020) се изведени и други 27 проекти за зголемување на енергетската ефикасност и за искористување на обновливите извори на енергија, што заедно резултираат со годишни заштеди на енергија од над 5 гигават-часови (5178 MWh), како и со годишно намалување на емисиите на стакленички гасови од над 24 илјади тони еквивалентни емисии на CO2. 

Во рамките на стратегијата за искористување на обновливите извори на енергија, „Алкалоид“ АД има инсталирано над 100 kW термални колектори, а од оваа година веќе работи и првата фотоволтаична електроцентрала од над 340 kW, инсталирана на покривот на производствен објект, со фотонапонски панели и со инвертери со најголем степен на енергетска ефикасност (од реномираните производители Canadian Solar и SMA). За оваа електроцентрала, која е прва од неколкуте планирани, „Алкалоид“ АД има добиено и лиценца за производител на електрична енергија од Регулаторната комисија за енергетика (а во завршна постапка е и впишувањето во регистарот на централи од обновливи извори во Агенцијата за енергетика).  

Во периодот од 2013 до 2016 г. „Алкалоид“ АД ја искористи можноста за кредитирање и за финансирање проекти за енергетска ефикасност, финансирани преку кредитната линија на WEBSEFF, овозможена од Европската банка за обнова и развој. Во тој период се реализираа повеќе проекти на „Алкалоид“ АД во Скопје, како и во Белград. Беа поставени соларни системи за загревање санитарна топла вода, за модернизација на системот за загревање во Едукативниот центар во Дојран и за воведување топловоден нискотемпературен гасен котел за загревање објекти – ККФ, магацин за суровини и за амбалажа и придружни простории. Континуирано се вложува во енергетско-ефикасни покривни и фасадни системи, како и во прозорци со низок коефициент на топлинопренос. Покрај снабдувањето со нова енергетско-ефикасна опрема, им се посветува внимание и на автоматизација и на оптимизацијата на сите системи кои користат каков било тип на енергија. Во октомври 2015 година во Загреб ја добивме првата награда за успешно спроведен проект за енергетска ефикасност. Вкупната вредност на кредитната линија на WEBSEFF изнесуваше околу 1.500.000,00 ЕУР. 

Ќе следуваат и иновативни проекти со користење на фотоволтаиците, покрај за производство на електрична енергија, и за намалување на потребите за ладење и за зголемување на искористеноста на објектите како што се магацините и производствените простории, преку ефектот на засенчување што го имаат тие. 

Топлинските пумпи се уште еден од начините за користење (индиректно) на обновливите извори на енергија и претставуваат уште еден важен елемент од енергетската стратегија. Во функција од 2020 г. имаме административен објект (УЗ Хемија) со целосно ладење и греење базирано на индивидуални топлински пумпи – климатизери во комбинација со подобрена топлинска изолација на објектот. На овој начин, покрај инвестициските и заштедите на енергија, се овозможува и поединечно сетирање, соодветно на индивидуалните потреби на вработените, односно нивно поголемо задоволство од работната средина. 

Транспортот е област со големо влијание врз штетните емисии. „Алкалоид“ АД ѝ посветува големо внимание на ефикасноста на внатрешниот и на надворешниот транспорт, редовно го обновува својот возен парк и се движи кон негова електрификација, со цел постигнување најмали можни емисии. 

Со овие проекти, покрај заштедите, на некој начин се овозможува и општествена одговорност кон енергетскиот систем на државата и пошироко и кон намалување на глобалните климатски промени. 

Кај учеството во решавањето на глобалните климатски проблеми може да се истакне и соработката на „Алкалоид“ АД со Организацијата за индустриски развој на Обединетите нации – УНИДО, со склучен договор за соработка уште во 2016 год. и со учество во работните групи за одржлив развој, покрај други, светски, водечки компании од различни индустрии.