23 апр. 2024 г.

Еден работен ден во Алкалоид

Интервју во Емилија Давидова


„Одделението за регулаторни работи игра клучна улога во обезбедувањето на условот медицинските производи да ги исполнуваат потребните регулаторни барања пред да бидат одобрени за да се пласираат на пазарот. Ние сме мостот помеѓу компанијата и регулаторните агенции кои се одговорни за издавање одобрение за ставање на лекот во промет.

Успешното регистрирање нов медицински производ бара стратешки и систематски пристап, кој опфаќа внимателно планирање, следење на регулаторните стандарди и ефикасна комуникација со регулаторните агенции. Со регулаторната стратегија се дефинира најбрзиот и најефикасен начин за добивање одобрение за ставање на лекот во промет, со претходно дефинирани маркетиншки аспекти, а притоа грижејќи се за нивната безбедност и ефикасност.

 

Да се биде дел од тимот за изготвување регулаторна стратегија во услови на постојано динамична регулаторна средина значи да се биде аналитичен во интерпретирањето комплексни регулативи и научни податоци, како и соодветно и навремено идентификување на потенцијалните ризици.

Јас ја имам среќата да бидам дел од тим со кој секојдневните работни предизвици ги надминувам со тимска работа, пренос на знаење и со пријатна работна атмосфера, што придонесува работните денови да ми се исполнети со позитивна енергија.“ - Емилија Давидова, Координатор за изготвување на регулаторна стратегија.