Централниот ERP (Enterprise Resource Planning) информациски систем SAP S/4 HANA, брендиран како AlkaSAP, претставува интегриран систем за обработка, за следење и за управување со податоците во „Алкалоид“, наменет за поддршка и за ефикасно функционирање на бизнис-процесите. AlkaSAP успешно и непрекинато функционира и се надградува од воведувањето, па сѐ до денес. Генерално, опфаќа повеќе модули и подмодули, како на пример:
1) FI (FInance) | Финансии и книговодство |
2) CO (Controlling) | Бизнис-планирање и контролинг |
3) MM/WM (Material Management / Warehouse Management) | Управување со материјали и со магацини |
4) SD (Sales & Distribution) | Продажба и дистрибуција |
5) PP (Planning Production) | Планирање на производството |
6) QM (Quality Management) | Управување со квалитет |
7) HR (Human Resources) | Управување со човечки ресурси |
Покрај во „Алкалоид“ АД Скопје (како главно седиште), со посебни проекти (т. н. rollout) и со посебно формирани проектни тимови, AlkaSAP е воведен и се користи уште во пет компании/подружници од групацијата, лоцирани во четири земји. Системите за секоја компанија (податочна база, бизнис-процеси и функционалности) се целосно независни, притоа приспособени во согласност со локалната регулатива и со бараните приспособувања. Секојдневно AlkaSAP континуирано го користат повеќе од 400 корисници од различни организациски единици, за различни намени и со соодветни, егзактни авторизации според бизнис-процеси, трансакции и извештаи. Особено комплексен беше проектот за замена на AlkaSAP на нова (S/4 HANA) платформа во текот на 2020 година, со т. н. big-bang пристап за миграција на сите модули и компании одеднаш за многу краток период од неполни пет месеци, со претходна целосна замена на централната инфраструктура (хардвер, оперативен систем и податочна база), заедно со два партнера (за замена и за веродостојност), со поддршка и од производителот, притоа реализиран целосно далечински (виртуелно). Се разбира, и натаму следуваат нови планирани проекти за надградба и за подобрување во повеќе модули.
Централната поддршка за AlkaSAP опфаќа системски сегмент (за администрирање со централната опрема) и апликативен сегмент (одделно според модул и според бизнис-процеси). Притоа, поддршката на крајните корисници е поделена така што прво ниво за поддршка се интерните клучни (Keyuser’s) корисници, второ ниво е интерниот централен тим (Superuser’s и BCuser’s), а трето ниво е надворешниот партнер.
Целосниот AlkaSAP од самиот почеток (и при воведувањето и при rollout) е валидиран во согласност со фармацевтската (европската Good Manufacturing Practice и американската Food and Drug Administration) регулатива и континуирано се одржува (планира, тестира, документира, валидира) при секоја надградба и промена. Поддршката е од посебен интерен валидациски тим за AlkaSAP.
За обезбедување континуитет при работењето (business continuity) во случај на инциденти/катастрофи „се грижи“ посебно решение (т. н. BC/DR – Business Continuity/Disaster Recovery), кое континуирано и низ посебна комуникациска врска врши репликација/синхронизација на AlkaSAP (заедно со други клучни корпоративни системи) на посебна опрема, која е изолирана и лоцирана на секундарна (disaster recovery) локација. Да споменеме неколку други клучни системи кои комуницираат, користат или разменуваат податоци со AlkaSAP:
1) DMS (Document Management System) | Систем за управување со документи |
2) CRM (Customer Relationship Management) | Систем за управување односи со партнери |
3) AlkaCDS (Chromatography Data System) | Лабораториски/хроматографски информациски систем |
4) AlkaT&T (Track & Trace) | Систем за следливост (серијализација) на лекови |
5) Pixel Proof | Систем за контрола и за споредба на амбалажа |
6) BMS (Building Management System) | Систем за управување со објекти |