16 јул. 2012 г.
Доделени награди за општествена одговорност на Алкалоид АД – Скопје
Доделени награди за општествена одговорност на Алкалоид АД – Скопје
Во организација на Центарот за институционален развој – ЦИРа, оваа година, по јубилеен петти пат беа доделени наградите за филантропија и за општествена одговорност за 2011 година.
Алкалоид АД – Скопје освои прва награда во две одделни категории „Однос кон вработени“ и „Однос кон животна средина“.
Наградата во категоријата „Однос кон вработени“ го опфати аспектот за развој на вработените, односно стимулирање вештини и обука на кадарот, со што преку зголемување и подобрување на способностите и на капацитетите на вработените се зголемува подготвеноста за напредок во кариерата, а воедно се подобрува целокупното дејствување на компанијата и се спроведува стратегијата за нејзин континуиран раст и развој.
Од друга страна пак, наградата во категоријата „Однос кон животната средина“ ги опфати аспектите како зголемување на позитивните влијанија на бизнис-дејствувањето, заштедата и ефикасната употреба на природните ресурси и заштитата на биодиверзитетот. Во оваа категорија, Алкалоид АД – Скопје аплицираше со проектот „Сертификат FairWild – управување со природните ресурси и одржливо користење на лековити и ароматични растенија“.
Двата проекти се активности кои компанијата ги спроведува во текот на целата година, како дел од политиката за општествена одговорност која е една од основните вредности на компанијата.