18 септ. 2023 г.
Генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов - панелист на третиот „Скопски економски и финансиски форум – СЕФФ 2023“
„’Алкалоид’ е во ЕУ веќе 16 години, но самиот факт дека потекнува од земја која не е членка на Европската унија, е предизвик сам по себе“
Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, зеде учество на „СЕФФ 2023“, кој се одржа под мотото „Европа – ДА, Европа – СЕГА“, во организација на македонското Министерство за финансии. Мукаетов, во рамките на вториот панел на форумот насловен „Пазари, институции и економски развој“, се осврна на предизвиците на „Алкалоид“ низ децениите и за време на неговото 17-годишно раководење:
„Во текот на својата долга историја, компанијата помина низ многу транзиции, разни системски промени и многубројни предизвици, но секогаш демонстрираше резилиентност и брза адаптација на промените. Посебна пресвртница во тој процес, беше изградбата на новите капацитети за цврсти дозни форми и полусинтетски цефалоспорини, поддржани со конвертибилен заем oд EBRD и IFC, кој потфат го трасираше патот на ‘Алкалоид’ за влез на европскиот и на светскиот пазар“.
Низ реалниот пример на „Алкалоид“, Мукаетов ја претстави важноста на европските пазарни вредности, потенцирајќи дека за една компанија да успее во ЕУ, мора недвојбено да ги следи принципите на добро управување, да нуди висок и константен квалитет на производите и услугите и да се носи со конкуренцијата, потенцирајќи дека чекањето на прагот на Европската Унија не е воопшто пријатно:
„Од една страна, огромни производствени капацитети, високоразвиени оддели за истражување и развој, најсовремена технологија, стручен и квалификуван кадар, но од друга страна, наш хендикеп беше што не потекнуваме од земја членка на Европската Унија. Но, не седевме со скрстени раце. Нашите капацитети во 2007 година беа лиценцирани од страна на MHRA (Medicines and Healthcare Regulatory Agency, UK) за сообразност со принципите на Добра Производствена Пракса според водечките линии на ЕУ. Прв регистриран производ во Европската Унија беше лекот лизиноприл (познат како ‘Скоприл’). Денес имаме регистрирано над 950 фармацевтски производи во ЕУ; од oчекувани 260 милиони евра продажби годинава, 72% се извозни пласмани (~160 милиони евра), а околу 55 милиони евра се пласмани во земјите на Европската Унија“.
Правејќи паралела меѓу успешноста на компаниите и националните економии во рамките на ЕУ и надвор од неа, Мукаетов низ реален пример ја отслика конкурентската предност на европските производители:
„Ако направиме компарација базирана на реално искуство на ‘Алкалоид’ на пазарот на ЕУ, тоа би изгледало вака: Пред неколку години, имавме план да преземеме компанија во Полска. Поминавме низ процесот на due-diligence, кој истакна интересни податоци која е нашата, а која е нивната стартна позиција. Прво, нашиот пазар е 2 милиони жители, а нивниот 40-тина милиони. За полските фармацевтски компании, процесот на регистрација за пласман на целата територија на ЕУ, вообичаено трае помалку од една година, а за нас, целата процедура е околу три години. Листите за проверка за фармацевтски компании кои потекнуваат од земји кои не се членки на ЕУ се значително потемелни и пообемни од оние со седиште во ЕУ. Ние овде добиваме приближно 10% субвенции за инвестиции (и за тоа сме многу благодарни, особено што поддршка се дава на македонски компании кои се извозно ориентирани и кои инвестираат во производни капацитети и истражување и развој), а полските фармацевтски производители добиваат 50% од учеството на инвестициите како грантови од ЕУ. Ако сето ова се спореди со трка, на почетокот од трката, полската компаниja би имала истрчано повеќе од половина од истата, додека македонска компанија сè уште би била на стартната линија“.
„Ако сте компанија која доаѓа од земја која не е членка на Унијата, без оглед колку е високо нивото на вашиот квалитет, не е лесно да бидете конкурентни. Трошиме дополнителни средства, драгоцено време, енергија и ресурси на разрешување на разни административни постапки, а во земјава и регионот има многу успешни приказни на кои вреди да им се даде шанса “
Мукаетов истакна дека на пазарот на Европската Унија нивото на транспаретност е високо, постојат строго дефинирани процедури и правила на водење бизнис, но за да се успее на тој пазар, мора да се следат принципите на добро управување, да се има висок и константен квалитет на производите и услугите.
„Посебно сум горд, што иако сме компанија која доаѓа од земја која поминала низ многу предизвици, успеавме да го глобализираме нашето име. Сепак, мислам дека доколку би биле членови на тоа големо европско семејство, имајќи го предвид квалитетот на нашите производи, квалитетот на нашиот кадар, нивното знаење и искуство, сигурен сум дека небото би било граница – за нас и за многу други компании од регионот“.
СЕФФ е иницијатива на македонското Министерство за финансии, чија цел е да овозможи дебата за јавните политики на релевантни регионални теми. Во рамките на настанот, кој во Скопје успеа да обедини престижни имиња од светот на економијата, на бизнисот и на финансиите, како и претставници од владите во регионот и земјава, дипломати, претставници од бизнис-секторот и академската јавност.