19 апр. 2024 г.

Интервју на Генералниот директор/Претседател на УО на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов, за Jutarnji

Директорот на моќната регионална фармацевтска компанија открива: „Во Хрватска отвораме уште една фирма за нашите деловни операции во ЕУ“


Ни раскажа какви се натамошните планови за инвестирање во Македонија и во регионот


Постојаниот раст последниве 20 години и потребата од приспособување на новите трендови во фармацевтската индустрија ги создадоа потребата и можноста македонски АЛКАЛОИД изминативе три години да направи инвестиции кои значително ќе му ја зголемат конкурентноста и ќе му овозможат нови прилики за раст. Компанијата, која и натаму е во сопственост на 5500 мали акционери, во 2024 г. влезе со нов погон за производство на цврсти форми. Се работи за инвестиција вредна 19,4 милиони евра, која ќе му даде прилика на АЛКАЛОИД и повеќе од двојно да го зголеми производството на таблети и на капсули, да го прошири портфолиото на производи, дури и со некои иновативни производи, и дополнително да ја зајакне соработката со глобалните фармацевтски компании. На крајот на март во Скопје новинарска екипа го обиколи новиот погон Таблетно 2, со техничките простории, кој се простира на 6.200 квадратни метри во фабриката на компанијата во Скопје, што беше одлична можност за разговор со Живко Мукаетов, кој е генерален директор на АЛКАЛОИД од 2006 год. Ексклузивно за Jutarnji list Мукаетов открива како инвестицијата во погонот Таблетно 2 ќе ја зголеми конкурентноста на компанијата, какви се натамошните планови за инвестирање во Македонија, во регионот, па и во Хрватска, како и тоа на кој начин АЛКАЛОИД се бори со ниските цени на лековите, кои им создаваат проблем на сите производители на лекови на Стариот Континент.


Зошто АЛКАЛОИД вложи во цврстите форми и што доби со тоа?


АЛКАЛОИД во континуитет расте од 2005 година, а растат и капацитетите. Вложивме многу, но дојдовме до степен кога ни требаше нов исчекор кој ќе ни овозможи ширење на портфолиото и зголемување на обемот на производството. АЛКАЛОИД има два модела на деловно работење: со сопствено портфолио, т.н. сегмент business to customer, според кој работиме на терен со нашите тимови, и сегментот business to business, според кој работиме со outlicence, што значи дека развиваме молекула за која лиценцата ѝ ја продаваме на некоја од големите фармацевтски индустрии, на пример Sandoz, Tevа, Glenmark и други. Со оглед на тоа што ние развиваме молекула, ги продаваме правата и го задржуваме правото да произведуваме за наведените партнери, за тоа ни е потребен поголем обем на производство, односно поголеми серии. Поради тоа ни стана јасно дека би биле многу поконкуренти со поголем обем на производство, а истовремено со помалку анализи на секоја помала серија. Освен тоа, во рамките на оваа инвестиција инсталиравме опрема со помали серии, која е многу попрактична за помалите пазари. Значи, добивме и повеќе од двојно поголем обем на производство и поголема флексибилност.

Покрај тоа, имаме и технологија која досега ја немавме, а која му овозможува на нашиот тим за развој да осмисли некои производи кои ќе содржат две или повеќе молекули во една таблета, што е особено практично за пациентите кои консумираат премногу лекови. Сето тоа ни дава многу поголема ширина во производството на цврсти форми.


АЛКАЛОИД и натаму е примарно генеричка компанија?


Да, со тоа што наша цел е да се издвоиме преку производите со додадена вредност. Неодамна го добивме нашиот прв меѓународен патент за Value Added Medicine (VAM) за нашата формулација за течен омепразол, прв од тој вид во светот, кој е наменет за лечење на рефлуксниот езофагитис и на гастроезофагеалните рефлуксни болести (ГЕРБ) кај малите деца кои не можат да ги голтнат таблетите, како и кај возрасните пациенти кои имаат тешкотии со голтањето. Него веќе го пласиравме на пазарот во Велика Британија како outlicenced deal, со помош на локален партнер, а првите количини се испорачани во декември минатата година. Наскоро очекуваме пласман и во ЕУ, па во регионов. Овој VAM-патент е голема сатисфакција за нашиот оддел за истражување и развој, кој веќе работи на уште една иновативна формулација.


Со новите вложувања се зајакнува улогата на Истражување и развој. Колку е јак АЛКАЛОИД на тоа поле?


Нашиот оддел за истражување и развој расте во континуитет. Пред точно 15 години овој сегмент го започнавме од нула со отворањето на Институтот за истражување и развој, во кој моментално има 170 вработени, меѓу кои повеќе од 150 се високообразовани, магистри или доктори на наука. Во нашиот институт за истражување и развој неколку тимови работат на развој на различни групи производи, а, притоа, освен сопствените ресурси, го користиме и знаењето на надворешните консултанти.


Што конкретно ќе ви донесе вложувањето во истражување и развој и на каков рок?


АЛКАЛОИД минатата година ја заврши со приходи од 268,3 милиони евра. Компанијата од 2005 г. до денес се зголемила петпати, а последниве 5 години просечниот годишен раст ни е 12,4 отсто. Финансиските резултати од ова вложување ќе ги видиме во зависност од тоа како ќе поминат ревизијата и сертификацијата. Веќе го добивме македонскиот сертификат GMP (Добра производствена пракса), а наскоро очекуваме да го постигнеме тоа и на сите други пазари на кои сме присутни, па се надеваме дека до крајот на годината ќе можеме уште побргу да работиме на нови можности за развој.


Кој извозен пазар ви е најголем?


Нашите производи се пласираат речиси на 50 пазари во светот, а 69 отсто од приходите ги остваруваме од извозот. Најголем извозен пазар ни е Србија, во која имаме сопствено производство и околу 150 вработени, а тамошните пласмани се околу 40 милиони евра. Во Хрватска сме коректен партнер на здравствениот систем, пред сѐ во настојувањето да го снабдиме со оние молекули кои се дефицитарни. Таму имаме два ентитета: тим за операции на хрватскиот пазар, со околу 40 вработени во Загреб, како и правна служба за целата Европска Унија, а овие денови очекуваме и регистрација на трета фирма која би работела одредени операции во Европската Унија, со канцеларија каква што веќе имаме во Словенија. Во Словенија АЛКАЛОИД има и лабораторија во која пуштаме во промет серија лекови (batch releasing), како и фирма која е задолжена за сите операции во ЕУ, во која сме присутни речиси на сите пазари: Австрија, Италија, Португалија, Полска, Чешка, Романија, Бугарија итн.


Кој е соодносот меѓу производите со рецепт и без рецепт? Какви се трендовите на тоа поле?


Производите без рецепт опфаќаат околу 23 отсто, со тоа што додатоците во исхраната се прошируваат бидејќи даваат флексибилност и ширина од аспект на портфолиото. Во нашето производство 90 отсто е присутна фармацијата, а потоа козметиката и хемијата, како и обработката на билки. Имаме силни козметички брендови каков што е Becutan, кој и натаму е меѓу најдобрите 3 брендови на пазарот на поранешна Југославија, со тоа што тоа портфолио го проширивме со детски пелени, со кремови во разни форми и со сопствено производство на влажните марамчиња.

Нашите чаеви релативно добро котираат на американскиот пазар. Нашиот бренд Good Nature е достапен на Amazon, што ни носи помеѓу 4 и 5 милиони долари годишен приход. Исто така, за американскиот пазар вршиме услужно производство за Aveda, која е дел од Estee Lauder, како и за Arbonne, кој е дел од француската групација Rocher, за кои работиме во сегментот на безглутенски и на органски производи, кои се посебна група во која најдовме некој спецификум поврзан со фармацевтското знаење, кој ни овозможува додадена вредност.



Какви се плановите за нови инвестиции?


Кога станува збор за фармацијата, наш следен план е ширење на сегментот на цефалоспорински антибиотици. Вложуваме во нашиот производствен капацитет за антибиотици, кои се важен сегмент од работата на АЛКАЛОИД. Моментално сме втор најголем производител на антибиотикот Цефиксим во Европа, за кој се специјализиравме, па се трудиме да имаме конкурентна понуда, како и потребни вештини и потребна експертиза. Во фармацевтската индустрија пласманите обично кореспондираат со инвестициите, вештините и со знаењето, кое последниве две декади го насочивме кон изградба на модерно и конкурентно портфолио. Последниве 15 години реализиравме голем број инвестициски проекти, чиј износ достигна 220 милиони евра, а и во иднина планираме да се движиме во таа насока.


Како стоите со кадарот? Во новиот погон видовме многу млади луѓе


Во време кога технологијата и вештачката интелигенција се лесно достапни, некако научивме повеќе да ја цениме вредноста на човечкиот потенцијал. Тој потенцијал секогаш бил во центарот на приоритетите на АЛКАЛОИД, па наш императив е да градиме компанија во која луѓето би биле задоволни и својот потенцијал би го вложиле во заеднички успех, бидејќи имиџот на секоја компанија, нејзините вредности и кредибилитетот се одраз на организациската култура и на луѓето пред сѐ. АЛКАЛОИД постојано инвестира во едукација на стручниот кадар од сите нивоа, во форма на разни усовршувања, inhouse тренинзи и програми за дуално образование. Младите луѓе кои сте ги сретнале во новите погони, веројатно, се стипендисти на нашата фондација „Трајче Мукаетов“, која од своето формирање до денес има стипендирано 659 студенти по медицина и по фармација на државниот универзитет, а повеќето од нив својата кариера ја започнале во одделите на АЛКАЛОИД. Моментално АЛКАЛОИД има 2900 вработени во базата во Македонија и во подружниците.


Како се носи АЛКАЛОИД со проблемите кои ги има генеричката индустрија во Европа? Каква е неговата позиција?


АЛКАЛОИД е во иста позиција како и сите други генерички компании во Европа и во регионот, како на пример Teva, Pliva, Belupo... Апсолутно сите го почувствувавме влијанието на инфлацијата, како и воените, енергетските и логистичките влијанија на глобалните текови. Кај сите се наметнаа дополнителни, непредвидени трошоци, покрај, де факто, строго регулираните цени на производите кај кои не се дозволени корекции. Многу компании се повлекоа од европските пазари токму поради ниските цени, што не е нималку пријатно. Од друга страна, го имаме синџирот на снабдување од Азија, кој носи многу предизвици, со постојани непредвидливи ситуации врз кои не можеме да влијаеме. Начелно, стратегијата која ја пропагира Европската комисија – производството на што повеќе суровини да се префрли во Европа – е многу паметна, но мора да се остави повеќе простор за корекција на цените бидејќи никој не би вложил во нешто што утре би било под голем ценовен притисок. Мое мислење е дека генеричките компании мора да добијат поттик бидејќи со вакви капитални вложувања и со екстремно строгите стандарди кои владеат во индустријата сосема е нелогично кутиче лек да чини помалку од пакетче мастики. Генеричките фармацевтски индустрии им се клучни партнери на здравствените системи за стабилно и за одржливо снабдување со лекови.



АЛКАЛОИД и натаму е во сопственост на мали акционери. Дали имало понуди од купци? Има ли интерес за преземање меѓу глобалните играчи?


АЛКАЛОИД и натаму е во сопственост на 5500 акционери. Ние сме компанија со најголем број акционери на Македонската берза, а акциите на АЛКАЛОИД на неа се во топ 3 најликвидни и најтргувани. Имаме транспарентна политика за дивидендата – околу 50 отсто од добивката одат кај акционерите, а другите 50 отсто остануваат за инвестиции, така што акционерите знаат што да очекуваат. Македонската берза единаесетти пат по ред го прогласи АЛКАЛОИД за најтранспарентна компанија, а во 2022 и во 2023 г. доби нејзино признание за акција на годината.