18 јул. 2022 г.

Интервју на г. Живко Мукаетов, Генерален директор/Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, за Bloomberg Adria


Господине Мукаетов, „Алкалоид“ како македонски бренд опстојува веќе 86 години. Производите се пласираат на повеќе од 40 пазари низ целиот свет. Кои се плановите за натамошна глобализација на компанијата?

Успехот на компанијата „Алкалоид“ се должи, пред сѐ, на квалитетот на кадарот кој работи во компанијата, на квалитетот на производите, на брендот „Алкалоид“ и на поединечните брендови кои ги граделе генерации алкалоидовци во изминатиот период. Со два збора, јас би кажал дека сето тоа се должи на посветеност и на напорната работа на нашите вработени. Околу идната глобализација на компанијата, „Алкалоид“ во моментов има 20 канцеларии преку кои ги извршува своите активности надвор од базата во Скопје и секако дека планираме да се шириме уште повеќе, затоа што компанијата е свесна дека хендикепот на малиот домашен пазар треба да го надомести со една посветеност на извозот и со освојување нови пазари.



Го споменавте извозот. Како македонските компании да го зголемат извозот и да станат поконкурентни на странските пазари?

Секој пазар има своја специфика, што значи дека за да се освои еден пазар надвор, дефинитивно, треба еден индивидуален пристап, треба добар локален кадар, треба продуктно портфолио кое би било компетентно и, секако, инвестирање во маркетингот за да може да се позиционирате на еден пазар.



Изминатите две години светот се соочи со повеќе предизвици, почнувајќи од пандемијата со КОВИД 19. Што значеше тоа за фармацевтската индустрија? Што, практично, ни покажа пандемијата?

Фармацевтската индустрија и без постоењето на КОВИДОТ е една строго регулирана индустрија, во која мора да ги исполнувате највисоките стандарди на функционирање. КОВИДОТ беше еден сериозен предизвик за нас, но од денешна перспектива можам да го изразам своето задоволство од тоа како ние како компанија се изнесовме со целата пандемија. Значи, прво од обезбедување големи количини на стратешки суровини за компанијата, потоа пренамена на дел од производствените линии за потребите на населението кај нас, одржување на сите процеси и, она што беше најважно, а тоа се безбедноста и здравјето на нашите вработени. Посебно сум горд што ние покажавме солидарност, покажавме проактивност, приспособливост и покажавме високо ниво на емпатија. Значи, целата криза, која беше таква каква што беше, ние успеавме да ја покриеме со еден човечки одговор.



Што ви покажа пандемијата во однос на тоа дали постои простор за дополнително ширење и на домашниот пазар? Зборувавме предмалку за глобализацијата, но што е со домашниот пазар и со натамошниот развој и со инвестициите на ова поле?

Ние, во секој случај, континуирано инвестираме во истражување и развој. Нам ни е многу битно да имаме едно модерно портфолио, портфолио на производи со додадена вредност, кои може да бидат компетитивни секаде во светот, а сигурно дека прво тоа портфолио го промовираме на домашниот пазар, па потоа со него настапуваме и на странските пазари.



Кои се очекувањата за работењето на „Алкалоид“ до крајот на годинава?

Ова е година која е исполнета со многу предизвици. Она што на почетокот беше здравствена криза сега веќе може да се каже дека е еден вид и воена криза. Имаме предизвици од типот на зголемување на цените на енергенсите, кои се неколкукратно зголемени; потоа имаме предизвици од аспект на обезбедување суровини и материјали; раст на цената на транспортот, како и дефинирање пласмани на производите на некои пазари, кои, исто така, стануваат специфични. Но сметам дека ние, потпрени на сопствените сили, на сопственото знаење и на капацитети можеме да го надоместиме тоа. Јас сум оптимист и сум убеден дека и во 2022 година, и покрај сите овие предизвици, „Алкалоид“ и натаму ќе расте.



Сѐ почесто бизнис-секторот алармира дека се соочува со дефицитарен кадар. Се соочувате ли вие со овој проблем и што треба, можеби, да се смени на тоа поле во однос на она што треба да го направат креаторите на економските политики?

Во моментов еден од наголемите предизвици, веројатно, е работната сила. Она што денеска е „Алкалоид“ е најмногу поради тоа што ја има таа база на квалитетен стручен кадар, но факт е дека сѐ потешко се наоѓа тој стручен кадар; факт е дека нашиот образовен систем, за жал, не произведува доволно квалитетен кадар во одредени сегменти, а има хиперпродукција во други. За да го надминеме сето тоа, ние влеговме во неколку проекти за кои сметаме дека се многу важни. Го имаме Проектот за практиканство, според кој, во договор со неколку образовни институции, доаѓаат студенти и работат во „Алкалоид“; го започнавме Проектот за дуално образование, а многу веројатно е дека ќе отвориме и Академија за градење посебни вештини и знаења, затоа што тоа е, веројатно, еден од начините за да го надминеме она што го имаме во моментот, а тоа е и недостиг на стручен кадар, а и, да кажеме, недоволно создавање кадар во одредени сегменти кои ѝ се потребни на компанијата за да може долгорочно да продолжи да расте со темпото со кое растеше и досега.



Дали, еве, штом го споменавте дуалното образование, тоа е еден модел за кој треба пошироко да се размислува?

Апсолутно да. Ние сме многу благодарни од она што, прво во делот на практиканството, успеавме да го добиеме како кадар за компанијата, а се надеваме дека и со дуалното образование тоа ќе продолжи, затоа што сите тие деца кои доаѓаат да работат со ментори добиваат додатни вештини, кои, објективно, во образовниот систем не можат да ги добијат, а потоа се подготвени многу поедноставно да влезат во системот на работа во фармацевтската индустрија.



Што е она што Ве прави посебно горд во работењето на „Алкалоид“ во овие 86 години?

Па мене, во секој случај, особено горд ме прави прво нашиот кадар, затоа што навистина имаме една плејада луѓе со огромно акумулирано знаење, кое може да им го пренесат на новите генерации. Компанијата поминала низ неколку општествени системи. Сѐ уште е јака компанија. Во последните 15 години четирипати го зголеми својот промет и е конкурентна со своите производи во над четириесет земји од светот, така што, да, јас сум горд што сите ние заедно градиме една модерна компанија.



Во изминатиот период јасно стана дека човечкиот потенцијал, односно работната сила, е главниот капитал на компаниите. Што треба да прават компаниите за да се подобрува тоа и навистина да се инвестира во тој човечки капитал?

Па ние мора да се бориме за нашите луѓе затоа што, објективно, сме свесни дека во сиот регион и во Југоисточна Европа го имаме примерот на селење млади луѓе и од тој аспект апсолутно треба да најдеме форми што повеќе да ги мотивираме за да останат овде. А за да останат, прво треба да им ги овозможиме и вештините за кои имаат потреба, но и технологијата која ним ќе им го направи интересно работењето и живеењето тука и, секако, да најдеме форми како да се грижиме и за нивните семејства, заедницата во која функционираме. Ние, на пример, започнавме програма преку којa финансиски го покриваме запишувањето на децата на нашите вработени на додатни активности – дали се тоа странски јазици, дали е тоа спорт, дали е тоа одење на разни часови по танц, на играорна, на што било – а сето тоа само за да придонесеме и за да ги мотивираме што повеќе. Исто така, бевме пионер, прва компанија која воведе додатно здравствено приватно осигурување за сите наши вработени, за и од тој аспект да им овозможиме да бидат заштитени од компанијата.



И, за крај, љубител сте, но и вложувате во спортот. Која е пораката до бизнисот, но и до државата за инвестирање во македонскиот спорт?

Пораката е, и јас би апелирал, што повеќе луѓе од бизнис-заедницата да се вклучат во спортот. Ние сме многу активни. Јас лично и на полето на ракометот и на полето на шахот и на полето на другите спортови. Апелирам до државата дека, дефинитивно, ни треба сериозна стратегија за спорт; дека ни треба инфраструктура во која ќе може младите генерации да спортуваат и дека ни треба посебно посветување на тоа како да ги мотивираме младите што повеќе да се занимаваат со спорт, за да ги тргнеме од одредени други пороци.



Господине Мукаетов, Ви благодарам за ова интервју за Bloomberg Adria.

Благодарам многу, задоволство ми беше.