11 ноем. 2020 г.
Интервју со Живко Мукаетов, Генерален директор/Претседател на Управниот Одбор на Алкалоид АД Скопје за АmCham.
Интервју со Живко Мукаетов, Генерален директор/Претседател на Управниот Одбор на Алкалоид АД Скопје за АmCham.
Дигитализација, Приспособување, Преоткривање
1. Какви иницијативи презема Алкалоид во изминатите неколку месеци за да биде препознаен како компанија која е лидер во земјата?
Излишно е да се каже, но како и кај сите луѓе и компании ширум светот, пандемијата од КОВИД-19 целосно го трансформираше работењето на нашата компанија на сите нивоа.
Тоа што работиме во здравствениот сектор ни наметна уште поголем товар на одговорност. На почетокот на март годинава, речиси преку ноќ, Алкалоид ги приспособи повеќето од своите внатрешни работни процедури. Прв чекор во процесот на заштита на здравјето и безбедноста на компанијата беше отворањето на интерна телефонска линија за КОВИД-19, која ја предводеа двајца лекари вработени во компанијата и еден надворешен експерт - епидемиолог. Нашиот продажен персонал го обучивме да може да се справува со работењето на производниот сегмент, организиравме паралелни тимови во сите управни сектори кои сè уште работат од дома по систем на неделни ротации, производните планови ги префрливме од парфеми и шампони на средства за дезинфекција, антисептици и санитарни средства, воведовме 6 приватни, платени, автобуски линии за нашите вработени кои користеа јавен превоз и други слични внатрешни мерки.
Но, во време на криза, не можеме да ја занемариме заедницата во која живееме и работиме. Алкалоид беше првата компанија која донираше сума од 200.000 Евра на сметката за КОВИД-19 на македонското Министерство за здравство, а поддржа и неколку иницијативи во околните земји (на пр. во Србија, Хрватска и Бугарија). Ги намаливме цените на речиси 200 производи од нашето портфолио, кои се неопходност во вакви времиња и постојано даваме различни донации од средства за дезинфекција, фармацевтски производи и други неопходни производи од нашата производна програма на поединци и организации на кои им се потребни.
2. Кој беше главниот мотив за тие инцијативи?
Во нормални околности производството на лекови наметнува строги регулативи, но одржувањето на опкружување без вирус во времиња кога има огромен број на нови случаи на ниво на држава, може да биде огромен предизвик. Работниците се нашето најголемо богатство и ние сме решени да направиме сè што е потребно за да го заштитиме нивното здравје, а истовремено и да ги одржиме производните процеси непроменети. Во согласност со мотото на нашата компанија „Здравјето пред сè“, одржувањето на безбедноста на нашата работна сила, на нас самите и на нашите семејства, останува наш врвен приоритет во секој поглед.
3. Кои чекори за дигитална трансформација беа направени во изминатиот период?
Во изминатиот период, поголемиот дел од нашата комуникација се префрли на различни дигитални платформи, вклучувајќи ја и внатрешната комуникација во компанијата, комуникацијата со медицинските/фармацевтските експерти и комуникацијата со потрошувачите и широката јавност воопшто.
Како компанија која користи SAP, во изминатите 5 месеци работевме на преминување на следната генерација софтвер ЅАР S/4HANA, која ќе овозможи подобра аналитика во реално време, во непредвидливо опкружување.
За внатрешна и надворешна комуникација, секогаш кога физичкото присуство не е можно, користиме Вебекс. За нашите медицински маркетинг тимови Алкалоид често организира оналјн собири со медицински експерти, кои, како што забележувам, се широко прифатени и успешни.
Во насока на подобрување на комуникацијата со потрошувачите, наместо да користи робусно комуникациско портфолио, Алкалоид започна повеќе да се фокусира на дигитална комуникација и сегментирање на комуникациските канали преку брендови и/или популарни теми. Неодамна отворивме Фејсбук и Инстаграм страници во Македонија, Србија и Хрватска наречени „здравје без рецепт“ наменети за пошироката публика и креирани заради информирање на јавноста за нашите ОТЦ производи (производи кои се продаваат без рецепт). Слични активности за креирање онлајн ресурси преземавме и за нашиот бренд за детски витамини Бекутан.
4. Кои се некои од најголемите предизвици со кои се соочивте и како се справувате со тие предизвици?
Оваа криза досега не е опишана во ниедна деловна литература. Не толку одамна, сите си мислевме дека вакви работи се случуваат само на филм, но за жал, борбата со непознат вирус стана нашето ново секојдневие. Заради ограничените ресурси и огромната непредвидливост, на самиот почеток нашите одлуки беа преку проби и грешки, но тоа всушност не натера да излеземе од нашата зона на комфор и подоцна целосно да ги пресметуваме сите ризици и да делуваме брзо. Уште еден огромен предизвик беше да ги одржуваме залихите на репроматеријали на неопходните нивоа, кога вообичаените транспортни коридори и синџири на набавки не функционираа (и сè уште не функционираат) нормално. Свесни сме дека не смееме да потклекнеме под „наметнатата“ изолација, туку дека мораме да најдеме алтернативни начини да држиме нормални залихи на производи и да останеме во контакт со нашите колеги, соработници и со сите засегнати страни. Внатре во компанијата нивото на комуникација беше подигнато на многу повисок степен, бидејќи непречениот проток на сигурни информации е од пресудна важност. На крајот, ова е здравствена криза и таа бара човечки одговор. Во вакви времиња, сите мораме да покажеме емпатија, солидарност, мобилност и приспособливост.
5. Која е вашата порака за другите компании во вакви неизвесни времиња?
Како и секоја криза, ни оваа не може да трае вечно... Иако изминатите 9 месеци беа сериозен стрес-тест за сите нас, мораме да останеме безбедни и силни! Во време кога светските економии се соочуваат со сериозни последици, а губењето на работни места и пласмани се наша реалност, трансформацијата би била првиот чекот за да се издржи и да се направи обид да се надмине кризата. Преоткривање на процесите, изнаоѓање алтернативни начини да се допре и да се комуницира со потрошувачите, одржливо приспособување кон промените – веројатно би било на врвот на списокот на работи од кои треба да се почне. Ништо не е лесно, ниту за компаниите ниту за поединците, но во тешки времиња потребни се тешки одлуки и умни мерки.