9 ноем. 2012 г.
Интервју со Живко Мукаетов, Генерален директор на Алкалоид АД – Скопје, за неделникот Граѓански од 03.11.2012 г.
Интервју со Живко Мукаетов, Генерален директор на Алкалоид АД – Скопје, за неделникот Граѓански од 03.11.2012 г.
„Фактот дека сме земја со два милиона жители е олеснителен од аспект на видливост на една компанија, за секој поединец да слушне за вашиот производ. Со овие адути, кога една македонска компанија станува успешна приказна, доаѓа ред делови да се раскажуваат и надвор.“
„Пречката за надминување на малиот волумен на домашниот пазар ја надминавме со зголемување на извозните пласмани.“
„Поддршката од државата, секако, е неопходна и добредојдена за сите стопанственици, но компаниите не треба да ја сметаат за ултимативна помош на патот кон успехот и не треба да биде единствено нешто на кое треба да се потпреме.“
ЗА ГОЛЕМИТЕ БИЗНИС-ИДЕИ ПАЗАРОТ НЕМА ГРАНИЦИ
Живко Мукаетов, генерален директор на „Алкалоид“, и Минчо Јорданов, сопственик на „Макстил“, се двајцата македонски менаџери во Бордот на директори на „Македонија 2025“ - организатор на Глобалниот инвестициски самит што се одржа минатата недела во Охрид. Мукаетов вели дека членството во Бордот е чест за него, затоа што е во друштво со Македонци кои се професионално докажани на глобално ниво, а, исто така, тоа е и одговорност што налага бескомпромисна посветеност и залагања. Овој дополнителен ангажман во неговото професионално портфолио вели дека се покажало оти воопштво не е маргинален.
Како член на управувачки одбори (УО) на неколку институции во Македонија и надвор од неа, и како директор на компанија (веќе седма година на функцијата) што има воспоставено операции во околу 30 земји во светот, имам јасен увид за позициите на Македонија во меѓународни рамки и нејзините потенцијали. Уште кога ги добив поканата и условите за пристап во „Македонија 2025“, имав само еден заклучок: дека оваа организација пред себе има навистина многу тешка и одговорна задача. Нема да биде лесно да се исполнат целите, ќе се соочиме со многу предизвици, но битно е да се обидеме, за да направиме барем мала разлика кон подобро позиционирање на нашата земја во светски рамки.
Во факторите што обесхрабруваат да се инвестира во Македонија, г. Мајк Зафировски ги посочи високата невработеност, тоа што сме надвор од структурите НАТО и ЕУ и што сме мала земја. Дали тие се пречка или предност за домашните инвеститори?
Влезот на Македонија во евроатлантските структури е прашање на банален предуслов што се провлекува прилично долго време, но, во секој случај, чекањето на прагот на нивните врати не е пријатно. Но, не можеме да седиме со скрстени раце и да чекаме, да кукаме дека сме „отсечени од светот“ и да не правиме ништо. Ако зборувам од лично искуство, „Алкалоид“ со години е присутен не само на регионалните, туку и на светските пазари, каде што влезот и не е така лесен, но патот сами го трасиравме. Присуството на „Алкалоид“ на рускиот, американскиот пазар, на ЕУ-пазарите и напорите за пласмани на нови пазари се вистински доказ дека со добра бизнис-идеја, квалитетен тим и агенда (која, во никој случај, не е отпорна на ризици), обесхрабрувачките фактори се само еден камен од асфалтот на патот кон успехот. Пречката за надминување на малиот волумен на домашниот пазар ја надминавме со зголемување на извозните пласмани. Според последните консолидирани ревизорски извештаи, во 2011 г. „Алкалоид“ имаше раст на продажбите од 14%, профит од 7% (споредено со 2010 година) и 97 нови вработувања. Во 2000 г., имавме девет канцеларии надвор од Македонија, а денес имаме 16. Сите 16 подружници и над 300 вработени надвор од базата се во функција на промовирање на извозната ориентација на компанијата. Ќе повторам една емпириска изјава на поранешниот генерален директор на „Алкалоид“, Трајче Мукаетов: „Макросистемите мора да се градат врз основа на работењето и потребите на микросистемите, односно на компаниите“. Факт е дека секоја фирма во земјава дава некаков придонес за целокупната економија. Секоја нова странска директна инвестиција, нов извозен пласман, значат отворање нови работни места.
Реалноста покажува дека успешните приказни, таканаречениот „американски сон“, се случуваат само надвор од земјава. Колку малите земји, како што е Македонија, нудат услови за големи бизнис-приказни?
Фактот дека сме земја со два милиона жители е олеснителен од аспект на видливост на една компанија, односно на таков простор имате можност секој поединец да слушне за вашиот производ. Кога ги имаме овие адути и една македонска компанија станува успешна приказна, доаѓа ред делови од таа приказна да се раскажуваат и надвор. Со стабилен бизнис дома, нагонот за излегување надвор од границите доаѓа сам. „Алкалоид“, можеби, е еден од примерите за успешна извозна стратегија, но тука се и „Сивус“, „Фх3х“, „Микросан“ и др. Заклучокот на Панелот, кој јас го модерирав („Глобално конкурентни македонски производи и услуги“), беше дека Македонија има голем број неискористени бизнис-потенцијали, квалитетни производи што би биле висо-коконкурентни на странскиот пазар. Пример за успешна бизнис-приказна, остварување на „американскиот сон“, презентираше Емил Христов, кој за првпат отишол во САД пред 11 години, како студент на размена, а денес е доживотен член на „Њујоршкиот клуб на извршни директори“. Тој во 2009 г. формирал компанија со двајца вработени во САД, а во 2012 г. „ЕМСА Солар“ е еден од најуспешните бизнисмодели во светот и препознатлив бренд во индустријата за обновлива енергија во Америка. Кога Христов ја формирал компанијата, тој не размислувал за граници. САД, сепак, се пазар од околу 314 милиони жители, но пресудни за успехот биле неговите брилијантни идеи, добрата процена, силната волја, лидерскиот дух и упорноста – квалитети што по дефиниција, треба да ги поседува успешен претприемач. Американскиот пазар е извонредна можност за одржлив развој доколку имате производ со висок квалитет, додадена вредност, доколку изберете паметна стратегија и вистински партнери. Во дискусијата на Панелот, како пресудни предуслови за извозни пласмани на македонските компании беа потенцирани квалитетот на производите и услугите, потоа менаџерските способности на квалификуваниот кадар, следењето нови трендови и високи стандарди. Да се повикам на изјавата на мојот колега од Бордот, Џон Битов Џуниор – мулти национални компании не се градат за неколку години. Компаниите може да ги истражат своите можности преку трговските асоцијации (стопанските комори) во земјите од инвестициски интерес, потоа преку посети и присуство на настани од сродна дејност, користење на каналите на економската дипломатија, презентирање на иновативни начини преку социјалните медиуми. Тоа, можеби, изгледа комплицирано, одзема време, но на крајот на денот инвестицијата, секако, ќе вреди ако сте сигурни дека производот и купувачите „ќе се пронајдат“ на заемно задоволство. Ако имате задоволни купувачи, не е важно дали производителот е од Македонија.
На Самитот, Зафировски рече дека не го штедел својот кредибилитет за да ја убеди американската „Кемет“ да инвестира во земјава. Тежи ли зборот на успешен менаџер повеќе од реклама на Си-Ен-Ен?
Не би можел да ја прецизирам тежината на двата канала за промоција, но г. Зафировски е докажано име во бизнисот на глобално ниво и неговиот збор, секако, има своја тежина на вагата што ги мери резултатите. Виралниот маркетинг е релативно нова категорија што се темели на техниката на говорот(word-of-mouth). Според последното истражување за еден наш нов производ , купувачите најпрво веруваат на совет од пријател/ка, потоа совет од стручно лице, па некаде на трето-четврто место се комерцијалните канали на промовирање. Од друга страна, неколку странски инвеститори се изјаснија дека рекламите на Си-Ен-Ен биле поттик за нивно фокусирање на Македонија. Значи, секој канал има своја тежина, но важно е таа синергија да вроди со резултат на заедничкото конто на крајот на денот. Контактите се прилично вреден капитал, а секој друг канал на комуникација е дополнителна поддршка.
Висината на профитот не оди правопропорционално со успешното менаџирање, бидејќи до профит се стигнува и со интриги. Каква е Вашата перцепција за нашите стопанственици, борци за профит или бизнис-лидери?
Тоа се, всушност, вообичаени карактеристики на секој хетероген пазар. Патот до профит не е воопшто лесен, па девизата „целта ги оправдува средствата“ понекогаш може да добие и друга димензија и потребна е исклучителна претпазливост на сите нивоа на оперирање. Принципите на модерно и етичко корпоративно управување „Алкалоид“ ги имплементираше уште кога го потпиша договорот за конвертибилен заем со Европската банка за обнова и развој и Меѓународната финансиска корпорација. Тие принципи се длабоко вкоренети во работењето на компанијата.
Кризата, според сите прогнози, ќе трае и во наредната година. Како се соочувате со неа?
Трошејќи ги последните месеци од оваа исклучително тешка година од бизнис-аспект, можам да кажам дека кризата веќе генерира поскромни финансиски резултати и помалку амбициозни инвестициски прогнози. Најавите дека ваквата ситуација ќе се пренесе и во следната година се сè пореални. Кризата се чувствува на сите европски пазари. Ликвидноста е отежната насекаде, зголемен е ризикот за губење пазари, бизнис-партнери и пролонгирање на планираната реализација на дел од зделките. Но, остануваме оптимисти и најбитно, фокусирани на зацртаните позитивни резултати и општествено одговорни активности. Со оглед на целокупната неповолна бизнис-клима во Европа, како компанија сме задоволни од сегашните резултати.
На Самитот чувме приказни за стопанственици кои од сиромашни станале глобално успешни менаџери. Кај нас, бизнис-приказните се дека патот до зделка е блискост до власта. Имаат ли компаниите проблем да бидат големи, независно од власта, или има недостиг од големи идеи?
Во речиси сите економии во развој што не генерираат доволен раст, државата се јавува како најголем инвеститор. Владејачките партии имаат различна стратегија како ќе го поттикнат растот, каде ќе ја насочат поддршката, па оттаму произлегува конотацијата за поврзаноста на одредени компании со владејачките структури. Она што навистина е реално и мерливо е повратот од тие инвестиции, што се инкасира назад во државниот буџет. Оваа Влада има солидна економска политика и во секоја здрава економија треба да постои синергија помеѓу владата и стопанството. Државната поддршка секако е неопходна и добредојдена за сите стопанственици, но компаниите не треба да ја сметаат за ултимативна помош на патот кон успехот и не треба да биде единственото нешто на кое треба да се потпреме. Компаниите треба сами да си го трасираат патот, а тука влегуваат и големите идеи.