19 апр. 2017 г.
Потврдени сертификатите за добра производна пракса (GMP)
Потврдени сертификатите за добра производна пракса (GMP)
Агенцијата за лекови и медицински средства од Република Словенија (JAZMP), по извршената инспекција во погоните за производство на лекови, ги обнови сертификатите за сообразност со начелата на Добрата производна пракса (GMP), со важност од 3 години, дефинирани во Директивата 2003/94/ЕС и член 111(4) од Директивата 2001/83/ЕС, за цврсти фармацевтски форми, таблети и капсули, течни фармацевтски форми, за интерна и екстерна употреба и погонот за цефалоспорини.
Оваа GMP инспекција и проверка на фармацевтскиот систем за квалитет, се изврши по прв пат на сите погони во исто време од Агенцијата за лекови и медицински средства од Република Словенија во улога на надзорен орган. Тоа претставува уште една потврда за највисоките европски стандарди што Алкалоид АД Скопје ги применува во секојдневното работење, а тие претставуваат основа за стекнување и одржување на авторизациите за пласман на своите производи во Европската Унија.
Со ова Алкалоид АД Скопје се потврдува како високопрофесионален производител на фармацевтски производи со примена на најсовремени производствени технологии и деловни стандарди, сè со единствена цел - квалитетни, ефикасни и безбедни лекови.