17 мај 2012 г.
Соопштение до јавноста
Соопштение до јавноста
Алкалоид АД - Скопје е компанија со традиција од над 75 години. Македонски Супербренд - валоризиран на домашниот и на странските пазари, познат, признат и присутен со своите производи во над 30 земји во светот.
Општествената одговорност е дел од нашата традиција. Ние во Алкалоид веруваме дека преку својата општествена одговорност може да придонесеме во подобрувањето, унапредувањето и во развојот на заедницата во која дејствуваме.
Високиот квалитет на производите е потврден од страна на високите законодавни авторитети, а примената на најсовремените производствени технологии и деловни стандарди останува да биде еден од врвните приоритети на компанијата.
Производство на ценовно достапни, квалитетни, ефикасни и безбедни лекови и производи за широка потрошувачка, за коишто заштитниот знак на Алкалоид АД е синоним за високото ниво на квалитет и на сигурност, како и хуманата програмско-производна определба насочена првенствено кон крајните корисници, се начелата според кои се водиме во секојдневното работење.
Компанијата има 1084 вработени во Република Македонија и уште 315 во странство. Алкалоид Групацијата е составена од 16 засебни правни субјекти, кои функционираат како поединечни деловни единици во водењето на секојдневните операции.
Деновиве во јавноста се појавуваат информации што се поврзуваат со Алкалоид Конс, сегмент кој се занимава со промет на лекови на големо, кој работи исклучиво со застапувања на странски фармацевтски компании и кој мора да ги почитува и да ги применува добрите деловни практики наложени од нивна страна.
И покрај поминатите легално обврзувачки инстанци на ревизија, менаџментот на Алкалоид АД, врзано со критички интонираните медиумски објави и реакции што може да го нарушат реномето на компанијата, формираше работна група која ќе спроведе интерна анализа на работењето на Алкалоид Конс и доколку, евентуално, се откријат какви било неправилности и недоследности, ќе преземе соодветни санкции и ќе ја информира јавноста и надлежните институции.
Етичкиот приод во деловната пракса, транспарентноста во работењето, доследното почитување на правилата за берзанска котација се високи приоритети на Алкалоид Групацијата и причина поради која компанијата го имплементираше Кодот за етичко и деловно однесување, потпишан од страна на секој вработен.
Скопје, 17 мај 2012
Управен Одбор на Алкалоид АД - Скопје