8 окт. 2010 г.
40 нови стипендисти на фондацијата „Трајче Мукаетов“
40 нови стипендисти на фондацијата „Трајче Мукаетов“
Фондацијата „ТРАЈЧЕ МУКАЕТОВ“ на 5. октомври 2010 г. додели 40 нови стипендии за студентите на Фармацевтскиот и на Медицинскиот факултет при Универзитетот “ Св. Кирил и Методиј” во Скопје, за учебната 2010/2011година: 18 стипендии за студентите по фармација и 22 стипендии за студентите по медицина. Согласно програмските определби, Фондацијата „ТРАЈЧЕ МУКАЕТОВ“ од годинава воведе и награда за првенците на генерацијата на Фармацевтскиот и на Медицинскиот факултет при Универзитетот “ Св. Кирил и Методиј”.
Фондацијата „ТРАЈЧЕ МУКАЕТОВ“ е основана со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД - Скопје. Основач на Фондацијата е Алкалоид АД - Скопје и истата има за цел стипендирање, донирање и финансирање на талентираните студенти, доктори, фармацевти, донирање и финансирање проекти од областа на медицината и фармацијата.
Согласно објавениот јавен конкурс, изборот на стипендистите и за учебната 2010/2011г. е усвоен од Управниот одбор на Фондацијата, по предложената прелиминарна листа од комисиите за распределба на стипендии, во чиj состав има претставници на Фондацијата, на двата факултетета, Фармацевтскиот и Медицинскиот, и на студентите.Стипендијата изнесува 6.500 денари во текот на 12 месеци. Имињата на стипендистите ќе бидат објавени во печатените медиуми. Доколку ги исполнат предвидените услови, на стипендистите им продолжуваат стипендиите и во текот на наредната учебна година.
Претседателот на Фондацијата, г. Живко Мукаетов, на првенците на генерацијата на Фармацевтскиот и на Медицинскиот факултет, Анела Тосевска и Андреј Кралев, им врачи еднократни парични награди во висина од 1000 евра, во денарска противвредност, што од годинава ги востанови Фондацијата „ТРАЈЧЕ МУКАЕТОВ“.
Почнувајќи од учебната 2007/08 г. Фондацијата „ТРАЈЧЕ МУКАЕТОВ“ има вкупно 142 стипендисти по фармација и медицина (вклучувајќи ги и новите 40 во учебната 2010/11г.). Од нив 31 студент по фармација веќе дипломирале.
Фондацијата е основана во чест на Трајче Мукаетов, кој на чело на Алкалоид АД - Скопје застана во 1985. година. Како вистински стратег и визионер,тој сметаше дека важен параметар за посакуваниот просперитет е зголеменото ниво на инвестирање во научни, истражувачки и во развојни активности.
Согласно развојната стратегија и потребите за кадровско доекипирање, Алкалоид АД - Скопје минатата година вработи четворица дипломирани стипендисти на Фондацијата „ТРАЈЧЕ МУКАЕТОВ“, а ваквата политика на Компанијата ќе продолжи и во наредниот период со оглед на остварените позитивни резултати и раст на пласманите.