3 окт. 2013 г.
„Алкалоид“ доби дозвола за пласман на над 30 лека на пазарите на ЗНД
„Алкалоид“ доби дозвола за пласман на над 30 лека на пазарите на ЗНД
„Алкалоид“ доби авторизација за пласман на над 30 свои лекови на пазарите во земјите-членки на Заедницата на независни држави (ЗНД), меѓу кои: Ерменија, Азербејџан, Грузија и Туркменистан, а во исто врмеме започна и повеќе проекти во Казакстан. Првите продажби во овие земји треба да започнат до крајот на тековната или на почетокот на следната година.
Паралелно со европската експанзија, „Алкалоид“ работеше и на овој голем проект, чија главна цел беше пробивање на пазарите на ЗНД регионот. Концептот на овој проект, кој е сосема различен од европскиот, се темели на анализа на регионот како целина, но и детална анализа на сите пазари поединечно. ЗНД како регион кој глобално влегува во рамки на пазарите во развој, со себе носи многу специфики, особено во регулаторниот сегмент, каде критериумите за регистрација на лекови се движат од препознавање на Европската регулатива, до крајно специфични национални барања.
„Алкалоид“ останува посветен на понатамошно ширење на своите операции во овој регион, за што веќе постои дефинирана стратегија, како проект за наредните години. Инаку, компанијата во рамките на тој регион е веќе присутна во Русија и Украина, каде има авторизации на околу 50 свои производи и активно врши продажби на овие пазари.
Со ова Алкалоид АД Скопје ги продолжува активностите кон зајакнување на извозните позиции на компанијата како главна стратешка определба.