31 окт. 2014 г.
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува 40 нови стипендии
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува 40 нови стипендии
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и годинава традиционално доделува 40 нови стипендии, и тоа 20 за студенти на Фармацевтскиот и 20 за студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, за учебната 2014/2015 година.
Согласно објавениот јавен конкурс, изборот на стипендистите за учебната 2014/2015 година е усвоен од страна на Управниот одбор на Фондацијата, по предложената прелиминарна листа од Kомисиите за распределба на стипендии. Во составот на Комисиите влегуваат претставници од Фондацијата, од двата факултети, како и претставници од редовите на студентите.
Стипендијата изнесува 6.500 денари во текот на 12 месеци. Имињата на стипендистите ќе бидат објавени во печатените медиуми, а Извршната канцеларија на Фондацијата ќе ги контактира за потпишување договори за стипендирање.
Согласно програмските политики за поддршка на млади и амбициозни кадри кои своите кариери ги посветиле на македонското здравство и фармација, почнувајќи од учебната 2009/2010 година, Фондацијата „Трајче Мукаетов“, доделува и еднократна парична награда на првенците на генерациите на Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет при УКИМ, во висина од 1200 евра во денарска противвредност. Годинава, еднократна парична награда ќе добијат: Бисера Степановска од Фармацевтскиот факултет, со просек 9,98 и Александар Јовановски од Медицинскиот факултет со просек 9,93. Првенецот на генерација од Фармацевтскиот факултет, Бисера Степановска, која до сега беше стипендист на Фондацијата „Трајче Мукаетов“, својата професионална кариера ќе ја започне во „Алкалоид АД“ Скопје од 01.11.2014 година, во одделот Фармација.
Почнувајќи од учебната 2007/08 година, Фондацијата стипендира/ше вкупно 304 студенти по фармација и медицина, вклучувајќи ги и новите 40 во учебната 2014/15. Од нив, 103 студенти по фармација и 72 по медицина се веќе дипломирани. Доколку ги исполнат предвидените услови, на стипендистите им продолжуваат стипендиите и во текот на наредната учебна година. Од 2009 година до денес, својата кариера во „Алкалоид“, во одделите на сегментот Фармација ја започнале 24 од стипендираните студенти на Фондацијата.
Од хуманитарниот пикник пак, кој годинава се одржа на 27 септември, за вработените на „Алкалоид“, под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“, претседателот на Фондацијата, г. Живко Мукаетов најави дека средствата донирани од вработените на компанијата во износ од 725.000 денари ќе бидат наменети за Клиниката за детски болести при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ е основана со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид АД“ Скопје. Фондацијата чиј основач е самата компанија, има за цел стипендирање, донирање и финансирање на талентирани доктори и фармацевти, како и финансиска поддршка на проекти од овие две области.
Досегашните проекти претставуваат доказ за остварување на заложбите на Фондацијата за поддршка на фармацијата, медицината и науката, пред сѐ преку поддржување на млади, амбициозни кадри кои својата кариера ја посветиле на овие дејности.
Фондацијата е основана во чест на Трајче Мукаетов, кој на чело на „Алкалоид АД“ Скопје застана во 1985 година, а главно обележје во неговиот мандат е интензивирањето на растот и развојот на компанијата во водечка фармацевтска компанија во регионот. Во контекст на посветеноста и перманентниот развој, овој голем стратег и визионер сметаше дека важен параметар е зголеменото ниво на инвестирање во научни, истражувачки и развојни активности, вложувања кои се неопходни за посакуваниот просперитет.