30 окт. 2015 г.
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува 40 нови стипендии
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува 40 нови стипендии
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и годинава традиционално доделува 40 нови стипендии, и тоа 20 за студенти на Фармацевтскиот и 20 за студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, за учебната 2015/2016 година.
Согласно со објавениот јавен конкурс, изборот на стипендистите за учебната 2015/2016 година е усвоен од страна на Управниот одбор на Фондацијата, по предложената прелиминарна листа од Kомисиите за распределба на стипендии. Во составот на Комисиите влегуваат претставници од Фондацијата, од двата факултети, како и претставници од редовите на студентите.
Стипендијата изнесува 6.500 денари за 12 месеци. Имињата на стипендистите ќе бидат објавени во печатените медиуми, а Извршната канцеларија на Фондацијата ќе ги контактира за потпишување договори за стипендирање.
Согласно со програмските политики за поддршка на млади и амбициозни кадри кои своите кариери ги посветиле на македонското здравство и фармација, почнувајќи од учебната 2009/2010 година, Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува и еднократна парична награда на првенците на генерациите на Медицинскиот и на Фармацевтскиот факултет при УКИМ, во висина од 1.200 евра во денарска противвредност. Годинава, еднократна парична награда ќе добијат: Надица Сибиновска од Фармацевтскиот факултет, со просек 9,90 и Харис Бабачиќ од Медицинскиот факултет, со просек 10,00. Овогодишните првенци на генерацијата се и досегашни стипендисти на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.
Почнувајќи од учебната 2007/2008 година, Фондацијата стипендираше вкупно 344 студенти по фармација и по медицина, вклучувајќи ги и новите 40 студенти во учебната 2015/2016. Од нив, 124 студенти по фармација и 92 студенти по медицина се веќе дипломирани. Доколку ги исполнат предвидените услови, на стипендистите им продолжуваат стипендиите и во текот на наредната учебна година. Од 2009 година до денес, својата кариера во „Алкалоид“, во одделите на сегментот Фармација, ја започнале 34 од стипендираните студенти на Фондацијата.
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ е основана со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид АД Скопје“. Фондацијата чиј основач е самата компанија, има за цел стипендирање, донирање и финансирање на талентирани доктори и фармацевти, како и финансиска поддршка на проекти од овие две области.
Досегашните проекти претставуваат доказ за остварување на заложбите на Фондацијата за поддршка на фармацијата, медицината и на науката, пред сѐ преку поддржување млади и амбициозни кадри кои својата кариера ја посветиле на овие дејности.
Фондацијата е основана во чест на Трајче Мукаетов, кој на чело на „Алкалоид АД Скопје“ застана во 1985 година, а главно обележје во неговиот мандат е интензивирањето на растот и развојот на компанијата во водечка фармацевтска компанија во регионот. Во контекст на посветеноста и на перманентниот развој, овој голем стратег и визионер сметаше дека важен параметар е зголеменото ниво на инвестирање во научни, истражувачки и во развојни активности, вложувања кои се неопходни за посакуваниот просперитет.