19 мај 2022 г.
Светски месец на машко здравје - Ноември 2021
Драги Дами, колку за потсетување и мажите имаат свој месец!
Месец ноември или како милуваме да кажеме ,,моември’’ веќе стана синоним за ,,машки’’ месец посветен на машкото здравје и подигање на свеста за превенција и рано откривање на машките болести без разлика дали станува збор за малигни или бенигни заболувања на простата, кои го намалуваат квалитетот на животот на мажите.
Приказната за мустаќите не е само тренд, кој мажите ширум светот го прифатија туку има длабоко значење и испраќа силна порака до целата популација. Мовембер оваа година го слави своето полнолетство.
Имено, во 2003 година, група пријатели од Австралија дошле до идеја да си постават предизвик и да израснат мустаќи во текот на месец Ноември за да му пренесат на светот сериозна порака за превенција од болести на простатата, сè со цел да се подигне свеста за здравјето кај мажите.
Свесни дека нивната иницијатива предизвикала позитивни реакции и била гласно поздравена од мажите ширум светот, тие одлучиле проектот да го подигнат на повисоко ниво, па така ја формирале ,,Фондацијата Мовембер’’. Поради важноста и влијанието на пораката која ја испраќаат, денеска организацијата се наоѓа во ранг на 100-те најдобри невладини организации во светот.
На глобално ниво, секоја година сè повеќе мажи се под ризик од сериозни здравствени последици поради недоволна информираност за болестите. Моември е во функција да ги поттикне мажите на практиката почесто посетување на доктори и редовни превентивни прегледи кои можат да помогнат во рано дијагностицирање на болестите, а со тоа и овозможување на навремен третман. Бенигната хиперплазија на простатата претставува најчесто дијагностицирано заболување кај возрасните мажи.
Бенигната Хиперплазија на простатата претставува едно од најчесто дијагностицираните заболувања кај Возрасните мажи
Простатата е машка жлезда којашто лачи течност потребна за правилен состав на семената течност.
Бенигната хиперплазија на простатата БХП или аденомот на простата предизвикува различен степен на опструкција и со тоа го отежнува или сосем го оневозможува празнењето на мочниот меур.
Ризична група се возрасни мажи над 50 години кај кои се јавуваат симптоми во долниот уринарен систем. Поодминатата возраст и машките хормони андрогени (тестостерон) имаат централна улога во настанувањето на БКП, а зачестеноста на болеста расте со стареењето и е тесно поврзана со специфичниот антиген на простатата (ПСА) и со волуменот на простатата.
Симптоми и знаци
Ослабениот млаз и зачестеното ноќно мокрење се едни од првите показатели на заболувањето. Дополнително може да се појават: зачестено мокрење, колебање пред мокрење, испрекинатост во мокрењето, ургентност за мокрење, чувство на недоизмокреност.
Доколку имате слични уринарни симптоми, важно е да го посетите Вашиот лекар, за да можете да добиете точна дијагноза и решение за Вашите проблеми
Зошто е потребно лекување?
Ако не се лекува, простатата може да продолжи да расте во големина и да доведе до сериозни компликации како што се:
• Ненадејна неможност за мокрење
• Уринарни инфекции
• Оштетување на мочниот меур или бубрезите
• Операција на простата
Главните цели на лекувањето се да се олеснат симптомите и да се подобри квалитетот на животот на пациентите, како и да се спречат компликациите поврзани со БПХ.
Доколку Ви е дијагностициран БПХ, Вашиот лекар може да ви препорача некои промени во животниот стил:
• Балансирана диета и умерено вежбање може да помогнат да се подобрат Вашите уринарни симптоми
• Пиење помалку пијалоци кои содржат
алкохол, вештачки засладувачи и кофеин
• Внес на помалку течности навечер и пред спиење
За лекување на БПХ, Вашиот лекар може да Ви препорача и одредени лекови, кои што се наменети за лекување на симптомите поврзани со зголемената простата како што се:
Алфа-блокатори – Тоа се лекови коишто ги намалуваат симптомите на зголемената простата. Дејствуваат на тој начин што ги релаксираат мазните мускули во мочниот меур и во простатата и со тоа се постигнува подобрен проток на урината.
Инхибитори на 5-алфа-редуктаза - Доведуваат до намалување на волуменот на простатата до 30% и го превенираат влошувањето на БКП. Го подобруваат и мокрењето во текот на неколку месеци особено кај пациенти со голема простата.
Комбинираната терапија – со алфа-блокатор и инхибитор на 5-алфа-редуктаза Резултира со значително подобар ефект отколку употребата на поединечен лек посебно.