12 дек. 2019 г.

Награда за човекови права во бизнисот за „Алкалоид АД Скопје”

Почитувањето на човековите права е обврска и одговорност на сите сопственици на бизниси или деловни субјекти без оглед на нивната големина, сопственост или дејност која ја извршуваат.

Организацијата „Конект“ неодамна додели награди на неколку компании, меѓу кои и „Алкалоид АД Скопје“ – кои се посветени на заложбите за континуирано унапредување на почитувањето на човековите права искажано преку политиките на компаниите, оперативните практики и комуникацијата во рамки на компанијата и надвор од неа. Критериумите за избор вклучуваа: посветеност на почитување на човековите права; проценка на ризици и влијанија врз човековите права; вградување на почитувањето на човековите права во оперативните практики; известување, следење на прогрес, комуникација; механизми на поплаки и надокнадување на штети и слично.

Истражувањето за „Почитување на човековите права во бизнис секторот“ беше направено преку дигитален мониторинг на 59 од 200 најуспешни компании во земјава и спроведена анкета на 105 компании.

Селекцијата на „Алкалоид АД Скопје“ и титуларот во својата комуникација да го користи белиот оригами гулаб, кој е симбол дека компанијата води грижа за човековите права, се однесуваше особено на следниве сегменти: програма за практикантство, која се одвива од 2018-та година во соработка со неколку еминентни едукативни институции во земјава, хуманитарниот пикник кој компанијата го организира 9 години по ред под закрила на фондацијата „Трајче Мукаетов“ како и фактот дека „Алкалоид АД“ во базата во Скопје, има 1633 вработени, од кои 58% се од женскиот пол. Компанијата по ниту еден основ не прави никаква дискриминација во однос на своите практики или деловни процеси а човековите права се почитуваат на сите нивоа во компанијата, како и во нејзината комуникација со јавноста. Грижата за вработените, купувачите, акционерите и сите иматели на удели се наоѓа на врвот на оперативната агенда на „Алкалоид АД Скопје“.

На церемонијата на доделување на признанијата на компании кои водат особена грижа за човековите права, г-ѓа Никица Кусиникова, извршна директорка на „Конект“ истакна: „Наградата ја воспоставивме за да укажеме на значењето на почитувањето на човековите права во бизнисот и да ја зајакнеме посветеноста на нашите компании во оваа насока. Очекуваме воспоставените критеримуи да им укажат на компаниите како поефективно да ги насочат своите политики и практики за да се усогласат со водечките принципи за бизнисот и човековите права на ОН и со целите за одржлив развој. Креиравме пакет за поддршка на компаниите, кој ќе им помогне да ги идентификуваат клучните ризици во нивната компанија во однос на човековите права и да вградат политики и мерки што ќе осигурат дека ризиците нема да се реализираат“.

Покрај, „Алкалоид АД“, наградени беа и компаниите: „ЕВН“, „Интерпартес“, „Новоматик Груп“, „Цементарница Усје“, „Прилепската пиварница“ и „Фармахем“. Активностите поврзани со наградата „Човекови права во бизнисот“ се одвиваат во рамки на проектот „Поттикнување на принципите за бизнис и човекови права“ финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Конект во партнерство со Бизнис Конфедерација и во соработка со „Мрежата на Глобалниот договор на Обединетите Нации“.